Плачот на Селма, Рахела
Ова не е живот, Рахела.
Не знаеш што е подобро –
да живееш или да умреш.
Без анестезија, на живо, диво.
Во трка со смртта.
Кој прв стигне. Ние или таа.
Цивилизацијата е поразена, Рахела.
Колабираше за еден ден. Еден проклет ден.
Заповедта на Ирод нема ни милост, ни оправдание.
Твојот плач не се слуша денес, ама
одекнува плачот на Селма.
Бројот на мртвите деца е бесконечен.
Толку деца не можат да се сместат на една фреска.
Злосторство е да се молчи, Рахела.
А се молчи, до бесвест и безумие.
Одмаздата е најкусиот пат до истребувањето,
па сепак се одмаздуваат. Пак и пак.
Од човештвото остана само лелекот
на ранетите, сираците и бездомниците.
Молете се да преживеат, Рахела, Селма, Хана, Азра…
Мајчинство му фали на денешниов озлобен свет.
Рано е за прошка, доцна за опстанок.
Затоа, не барајте утеха, не е време за утеха.
Молете се да не биде предоцна.
30.10.2023