Песни

Празнината (или предавството на зборот-пукнатина)

Сакаме да ја раскрвавиме тишината.

Жил Лафорг

 

тогаш ја видов Празнината внатре во твојата уста.

беше тоа Празнина создадена од сонот на огромна шума со столетни дрвја.

беше тоа Празнина создадена од плачот на илјадници птици што летаат над град без сеќавање.

беше тоа Празнина создадена од луѓето што гледаат нагоре и велат дека врне.

беше тоа Празнина создадена од погледот на мртви риби.

беше тоа Празнина создадена од пустини полни со врева, далеку од морето.

 

и се загледав во твоите очи за да не ти ја гледам веќе устата,

но устата ти се прелеа и непцата ти се стопија

а забите ти беа обраснати со мов и јазикот ти беше згмечен

под тежината на толку многу молк, а усните ти се исфрлија

со нови пукнатини што беа нови усти кои ништо не велеа. 

 

ете тогаш погледнав кон Празнината во твојата уста.

беше широка и густа Празнина, со бојата на крајот

што стивнал и со обликот на морето кога е полно,

а ти пенавеше со нечист талог како тажно животно,

и плукаше црно жолтило, а јазикот ти се исправи

високо и гордо како бор и ти се вкопа 

во сводот на устата како корен. 

 

и го сетив твојот здив.

 

и здивот ти беше студен.

 

и студот беше многу бавен.