Лауреат - 1981
Блаже Конески
Биографија
Pоден е во с. Небрегово, Прилепско, на 19. 12. 1921, почина во на 7. 12. 1993 година. Филолог, поет, универзитетски професор. Најистакната фигура на македонистиката во периодот по ослободувањето на Македонија. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и нејзин најистакнат претставник (составувач на најголем дел од првиот Македонски правопис, 1945, и на проширеното издание Македонски правопис со правописен речник, 1950 година). Творец на основоположничките трудови на македонскиот јазик (граматиката, речникот, историјата, историската фонологија). Основното образование го почнува во родното село на неполни шест години за да не згасне училиштето поради недоволен број ученици. Откако го завршил првото оддлеление, семејството се преселува во Прилеп, па таму го завршува осумгодишното школување. Средното образование го продолжува, поради укинувањето на гимназијата во Прилеп, во гимназијата во Крагуевац и матурира во 1939 година. Таму се вклучува во литературниот живот на гимназијата, станува уредник на училишното списание Подмладак, пишува песни на српски јазик, а веќе во почетокот на 1939 настанува кај него смена на јазикот и почнува да пишува на македонски. Првата песна на македонски му е Писмо до една мајка (по углед на соодветна песна од Мајаковски). По наговор од другарите и желба од родителите, образованието го продолжува на Медицинскиот факултет во Белград. Но, само по еден семестар поминато на него сфаќа дека негов интерес не е медицината. Веќе во летниот семестар на 1940 г. се префрла на Филозофскиот факултет, на славистика и избира ретка комбинација: југословенска литература под А, а под Б руска литература и руски јазик. Привлечен од поезијата на некои полски поети (Мицкјевич, Словецки и др.), посетува факултативен курс по полски јазик. Со времето на студиите во Белград се сврзува и неговото откривање на народното творештво на Марко Цепенков, објавувано во познатиот бугарски Зборник за народни умотворенија. Запознавањето со овој материјал му помага да направи уште како студент нацрт на граматика на македонскиот јазик и опис на прилепскиот говор. Добар дел од овие негови белешки се искористени, по ослободувањето, во оформувањето на неговата Граматика (1952, 1954) и монографијата Прилепскиот говор (1948). Започнувањето на Втората светска војна на просторите на Југославија во 1941 г. му го оневозможува школувањето во Белград, па е присилен да ги продолжи студиите на Универзитетот во Софија. Тука му се признаени трите семестри од Белград и дипломира во 1944 г. Работејќи на семинарска работа за делото на надежниот славист Димитар Матов, тој доаѓа до значајни податоци за развојот на македонскиот јазик. Меѓу другото, се запознава со обемната рецензија на Александар Теодоров-Балан за делото на Крсте Мисирков, За македонцките работи. И покрај упорното инсистирање да дојде директно до ова знаменито дело за македонската посебност, тоа не му се овозможува. Но, мислата да се запознае поподробно со него не го напушта. Го користи првиот можен случај по Ослободувањето, кога општествените услови се изменети, да го побара делото. Во јуни 1945 г. оди во Софија, ја добива книгата, прави белешки и ја објавува веднаш во печатот опширната статија Една македонска книга и со тоа врши прва популаризација на Мисирков кај нас. Есента 1944 г., уште пред целосното ослободување на земјата, тој е веќе во привремениот државен и политички центар на слободната територија во с. Горно Врановци, Велешко. Тука е тој преведувач, коректор и лектор на весниците и другите публикации, тука тој држи пред поширок аудиториум културни и општествени дејци неколку предавања за развојот на македонскиот јазик и за неговиот литературен лик. По ослободувањето Конески е назначен за лектор на Македонскиот театар: преведува помали текстови за игра на сцената и пиесата Платон Кречет од Александар Корнејчук, со која на 3 април 1945 г. беше означена дејноста на Драмата на МНТ со целовечерна претстава, а ја пишува и актуелната едночинка Гладна кокошка просо сонуе, со која во Театарот беше пречекана Новата 1945 г. Пред пошироката јавност се претставува во мај 1945 г. со предавањето Македонската литература и македонскиот литературен јазик на Народниот универзитет во Скопје. Од пролетта 1945 г. тој е на работа во Министерството за просвета, учествува во многу акции од областа на просветата и културата, како и во основањето на Филозофскиот факултет во Скопје. Еден е од основачите на Филозофскиот факултет (1946), на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков (1953), на МАНУ (1967, прв претседател), на Друштвото на писателите на Македонија (1947, прв претседател), на Друштвото (Сојузот) за македонски јазик и литература (1954), на Македонскиот славистички комитет (1963), на сп. Македонски јазик (1950, прв главен и одговорен уредник) и др. Декан на Филозофскиот (Филолошкиот) факултет во Скопје, ректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (1958- 1960). Член на академиите на науките на Хрватска (1962), Србија (1963), Словенија (1963), Босна и Херцеговина (1969), а потоа и на Војводина и на Црна Гора, како и на Австрија и Полска. Почесен доктор на универзитетите во Чикаго (1968), Вроцлав (1970), како и на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Носител е на Његошевата и на Хердеровата награда, на наградите АВНОЈ, Скендер Куленовиќ, Сојузот на писателите на СССР и др. Својот однос кон личноста и делото на Конески, македонската научна и културна јавност го покажа со именувањето на Филолошкиот факултет во Скопје со неговото име и со основањето на Фондацијата за македонски јазик Небрегово. Дела: Граматика на македонскиот литературен јазик (И 1952, ИИ 1954), Речник на македонскиот јазик (И 1961, ИИ 1965, ИИИ 1966, редактор), Историја на македонскиот јазик (1965), Историска фонологија на македонскиот јазик (Хајделберг, 1983, на англиски; Скопје, 2001, на македонски). Автор и на многу други значајни трудови: Македонските учебници од 20 век – Еден прилог кон историјата на македонската преродба (1949), Прилепски говор (1949), Македонската литература во 20 век – Краток преглед и текстови (1950), За македонскиот литературен јазик (1952), Вранешнички апостол (1956), Јазикот на македонската народна поезија, (1971), Беседи и огледи (1972), Македонскиот 19 век. Јазични и книжевно-историски прилози (1986), Ликови и теми (1987), Македонски места и имиња (1991). Негови се и стихозбирките: Земјата и љубовта (1948), Песни (1953), Везилка (1955), Стерна (1966), Ракување (1969), Стари и нови песни (1979), Чешмите (1984), Собрани песни (1987), Средба во рајот (1988), Црква (1988), Златоврв (1989), Сеизмограф (1989), Црн овен (1993). И препевите: Горски венец од Његош (1947), Лирски интермецо на Х. Хајне (1952), Отело на В. Шекспир (1953), Крштевање на Савица од Ф. Прешерн (1980), како и песни од Александар Блок, Адам Мицкјевич, Владимир Мајаковски, Десанка Максимовиќ и др.