Поети

Виолета Танчева – Златева

Македонија

Биографија

Виолета Танчева-Златева (25.4.1968, с. Бориево, Струмица) е поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор. Завршила Филолошки факултет во Скопје, група Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје. 

Ги има објавено следните книги: Проза: Книга за сонот (куса проза, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999); епистоларен роман за деца Шарени писма (2008), Раскази од минатиот век (2022), Бела Сама (роман, 2023). Поезија: Мојот Пикасо (2007; и двојазично издание на српски и македонски јазик Мој Пикасо/Мојот Пикасо, Задужбина „Петар Кочиќ“, Бања Лука–Београд, 2008), Заробеници на молкот (2010), Огнена (2011), Нашата приказна (2013), Година без лето (2015; A Summerless Year: СВП 2016), Патот (2018), На работ на светот и Капе времето (2021), Глуво време (2023).

Застапена е во повеќе избори, панорами и антологии. Нејзини песни и раскази се препеани/преведени на неколку јазици и објавени во списанија на српски, црногорски, словенечки, англиски, бугарски, албански, романски, руски, турски, германски јазик.

Освоила прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ во 1991 г. за Книга за сонот; награда „Браќа Миладиновци“ на СВП во 2015 г. за Година без лето; награда „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска книга во 2018 г. за Патот; награда „Антев златник“ на Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за 2022 г. за поетскиот ракопис Глуво време.