Поети

Давид Нинов

Македонија

Биографија

Епископот дремвитски Давид (Нинов) е роден на 27. 07. 1972 г., во Скопје. 

Пред заминувањето во манастир бил уредник во списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и работел во редакцијата за култура на националната телевизија. Добитник е на наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска поетска книга и застапуван е, на повеќе јазици, во повеќе антологии на македонската поезија.

Во манастир заминува 1995 година. Во 1996 г., како расофорен монах, ракоположен е во ѓаконски чин. Во голема схима е замонашен 1997 г., и истата година е ракоположен за јеромонах. Од манастирот покренува издавачка дејност и ја уредува периодиката „Успение“.

За викарен Епископ е избран во 2006 г., но хиротонијата во епископски чин е извршена на 17. 06. 2007 година. Во 2008 г., поставен е за Администратор струмички.

Ја извршувал функцијата прв секретар на Светиот Архиерејски Синод и бил уредник на официјалната интернет страница на Православната Охридска Архиепископија, како и на „Соборност”, периодика на Архиепископијата.

Завршил средно културолошко училиште во Скопје и студирал старогрчка и латинска филологија на Институтот за класични студии при скопскиот универзитет.

Дипломирал теологија на Теолошкиот факултет при државниот Аристотелов универзитет во Солун, Грција.

Магистрирал (MTheol) на истиот факултет при Аристотеловиот универзитет, на Одделот за догматика, историја на философија и икуменска теологија. 

Објавил пет книги поезија: „Орјатско кале“, „Семири во сечило“, „Огласување на височината“, „Ојдипод“, „Насекаде“.

Ги објавил и книгите: „Логиум (обраќања на неделни и празнични евангелски теми)“, „Кон познанието (белешки од догматиката)“, „Секој крај, нов почеток (статии и колумни)“, „Времетворење (колумни)“, „Τέχνη και Αποκάλυψη (одредени аспекти за уметноста и православната теологија во периодот после Втората светска војна)“, „Уметност и откровение“ (превод од грчкиот оригинал), „Надвор од границите“ (размислувања за личноста и системот).

После стапувањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во литургиско и канонско единство со сите помесни православни цркви, со одлука на САС на МПЦ-ОА, во jуни 2023 г., избран е за викарен Епископ на епархискиот Архиереј на православната Скопска Митрополија, со титула: Епископ дремвитски.

Учествува на меѓународни симпосиони.

Преведува теолошки текстови и стихови од грчки јазик.