Поети

Марија Велинова

Македонија

Биографија

Марија Велинова (2003, Штип) е поетеса и студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.  Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ (2021, Дата Песнопој) и „Омарнина што омалаксува“ (2023, ПНВ Публикации).

Членка е на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, на организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал, проектна асистентка на Филозофскиот филмски фестивал, уредничка на студентското списание „In medias res“, како и дел од тимот на издавачката куќа „Илика“. Учествувала на повеќе поетски читања и фестивали (Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, Македонска книжевна визита). Нејзини песни се застапени во домашната периодика и преведени се на српски јазик за книжевните списанија „Блудни стих“ и на англиски јазик за “Selection from A New Birth of the Word (an Anthology of Macedonian Young Poetry)“, издание на Струшките вечери на поезијата. Нејзини песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, Матица македонска, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Самодиви: панорама на македонска поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (прир. Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, Поетска ноќ во Велестово, 2023).