Олимби Вељај
Албанија
Биографија
Олимби Вељај (1971) е родена во Албанија. Студирала во Тирана и Софија, па се стекнала со докторат по книжевни студии во 2012 година. Таа е автор на три лирски изданија: „Моментите исчезнуваат под рацете на часовникот“, Eurorilindja, Тирана, 1998; „Да се биде попладне“, двојазично албанско-англиско издание, Aleph, Тирана, 2003; „Среќата на другите“, двојазично албанско-англиско издание, Aleph, Тирана, 2022 и „Среќата на другите“ (La felicita’ degli altri), Pettirosso Editore, Сардинија, Италија, 2022 година.
Нејзината поезија е објавена на 18 јазици во разни книжевни списанија и антологии. Таа била учесник на голем број поетски фестивали. Ги има добиено следните награди и номинации: Наградата „Миѓени“ (Migjeni) за поет дебитант во Албанија, 1993 година, Наградата за најдобра поетеса на поезија на албански јазик од Друштвото на писатели на Косово во 2002 година, номинација за Балканската награда за поезија на Меѓународниот фестивал „Куртеа де Аргес“ во Романија, 2005 година, Книжевната награда „Наџи Наман, Либан, 2014 година; Награда за поезија на Европската академија за уметност од Албанија, 2014 година, Наградата „Менада“ за особена поетска креативност на меѓународниот фестивал „Денови на Наим“ во Тетово, Северна Македонија, 2020 година, како и Државната награда за најдобра поетска збирка во 2022 година, доделена од страна на Министерството за култура на Албанија и Националниот центар за книги и читање.
Вељај преведува поезија од бугарски и англиски јазик. Работи како новинарка веќе две децении. Таа предава на Одделот за книжевност на Факултет за образование при Универзитетот во Драч, Албанија. Во последниот период таа работи на колеџот „ААБ“во Приштина, Косово, а истовремено и како професор по албански јазик, книжевност и култура на Универзитетот во Белград, Србија.