Тома Григорие
Романија
Биографија
Тома Григорие е роден на 5 мај, 1940 година во селото Голенти, во близина на градот Калафат, во Округот Долж. Дипломирал во 1966 година, а својата докторска дисертација ја одбранил во 1983 година на Универзитетот во Букурешт. Предавал во средно училиште од 1963 до 1974 година, а потоа предавал на Универзитетот во Крајова, на Филолошкиот факултет од 1974 до 2005 година. Работел како вонреден професор на Институтот за романски јазици „Адам Мицкевич“ во Познањ, Полска од 1996 до 1998 година. Тој бил научен секретар за романски јазик и култура и цивилизациски студии на Универзитетот во Крајова. Учествувал на летни курсеви во Охрид, Македонија во 1978 и во 1983 година. Таму двапати бил говорник за врската меѓу македонската и романската книжевност. Бил поканет на неколку меѓународни поетски фестивали во: Познањ, Полска (1996, 2001), Халкида, Грција (2002). Добитник е на четири награди од Друштвото на писателите на Романија. Исто така, добитник е на голем број дипломи.
Му давал голема поддршка на Одделот за македонски јазик на Универзитетот во Крајова.
Како автор, бил објавен во голем број списанија: Рамури, Култура, Романија литерара, Лусефарул, Лусефарул де диминеата, Вијата романеска, Мозаикул, Фамилија, Ватра, Стеауа, Конворбири литераре, Дело (Југославија), Литерацка полска (Варшава), Алманахул фестивалиул интернационал де поезие (Познањ, Полска), Книжевно житие (Македонија) итн.
Неговите песни се објавени во романски, германски и англиски антологии. Тие се преведени на македонски, англиски, француски, германски, грчки, полски и бугарски јазик. Досега има објавено четиринаесет збирки поезија, пет книги со книжевна критика и есеи, и една книга што се состои од пет театарски претстави и преводи од современата светска поезија. Две негови драми биле поставени во Крајова, во театарот „Марин Сореску“.

