Катица Ќулавкова
Македонија
Биографија
Катица ЌУЛАВКОВА (21.12.1951) e истакнат македонски писател (поет, раскажувач, есеист), редовен член на МАНУ (академик) од 2003 година. Таа е редовен член на ЕАСА (Европската академија на науките и уметностите) од 2009. Ќулавкова е Потпретседател на Меѓународниот ПЕН, избрана на 74-от конгрес во Богота, Колумбија, 17-22 септември 2008. Член е на Бордот на Меѓународната асоцијација на семиотичари, избрана на Конгресот од септември 2009 и редовен член на Францускиот ПЕН центар од 2024. Била Претседател на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН во два мандата. Била и Потпретседател на Националната комисија на УНЕСКО.
Таа е редовен професор во пензија по предметите Теорија и методологија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување.
Дипломирала на Филозофско-историскиот факултет во Скопје, на групите Јужнословенски книжевности и Македонски јазик и книжевност (1973). Магистрирала на Филолошкиот факултет во Скопје (1981) на тема Метафората и современата македонска поезија. Докторирала на Факултетот по филозофски науки на Загрепскиот Универзитет (Р. Хрватска), на тема Спецификите на лирската поезија (1986).
Има објавено над седумдесет книги: поезија, куси фикции т.е. раскази, есеи, една ритуална драма, монографии, книги научни студии од областа на книжевноста, културата, историјата), како и бројни антологии, хрестоматии и други изданија приредени од К. Ќулавкова (македонскиот и светскиот расказ, теорија на книжевноста, херменевтика, балканската слика на светот, интертекстуалност, феминистички стратегии, Поимник на книжевната теорија, Уметноста и меморијата, Уметноста и насилството, критичко издание на делата на Конески, тритомно издание на делата на Рацин и др.
Поезијата на Ќулавкова е преведена на дваесетина јазици во Европа и во светот: англиски, француски, руски, италијански, португалски, полски, турски, романски, бугарски, српски, хрватски, словенечки, црногорски, албански, шпански, кинески и др. јазици.
Добитник е државната награда „11 Октомври“ и „Гоце Делчев“, како и во два наврата наградата за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Одликувана е со медалот Офицер во Редот на Уметноста и Книжевноста на Француската Влада (2021).

